Преспанска панорама – Село Евла

На само пет километри западно од Ресен се наоѓа прекрасното село Евла, населено со стотина жители.

Ова село располага со голем природен потенцијал, но за жал селскиот туризам не е развиен. Евла е едно од преспанските села кое има огромна можност во иднина да стане центар на селскиот туризам.

Прекрасни планини и ридови се протегаат над селото и секој тука може да си дозволи една прошетка дневно низ природата.

Главно занимање во селото е сепак одгледувањето на јаболка, што е вообичаено за Преспа, а пак кога ќе дојде време да излезат печурките, сите тргнуваат во потрага по овој скапоцен дар од природата, цените достигнуваат и до илјада денари за килограм, па нема да биде чудно да дојдат и луѓе од другите села или од Ресен, велат мештаните на Евла.

И покрај тоа што во минатото луѓето масовно се иселувале од село во град, Евла продолжува да живее. Не само што има доволно постојани жители, туку и оние кои заминале да живеат по градовите си доаѓаат тука за време на викендите, летото, зимата, едноставно кога ќе најдат слободно време тие се обидуваат да ја посетат оваа природна убавина.

На шест километри патување од ова село се наоѓа манастирот св. Спас, до кој може да се стигне само пеш или доколку сте упорни со теренско возило. На празникот Св. Спас кој секоја година се прославува на различен датум доаѓаат луѓе од целата Преспа, а доаѓаат луѓе од околните села кои припаѓаат под охридскиот регион кои одлучиле да дојдат пеш во овој прекрасен манастир.

Ќе бидете импресионирани од убавиот поглед и ќе посакате тука да доаѓате почесто, не само поради убавината на ова место, туку и поради местоположбата и природата која ја има во неизмерни количини. Никогаш нема да бидете заситени, секогаш ќе барате повеќе и повеќе.

Фотографиите зборуваат сами за себе….