Села: Алијансата за Албанците и понатаму е отворена за преговори за влез во Владата

Алијансата за Албанците и понатаму е отворена за преговори за нејзино враќање во Владата на премиерот Зоран Заев, но само ако се исполнат веќе познатите барања на кои се дополнува и барањето за одговорност за корупција на сите партиски функционери без разлика од нивната етничка припадност.

Ова синоќа во Дебар го изјави претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, на средбата со членовите и симпатизерите на партијата. „Имаме чести средби со меѓународните фактори во кои, исто така, често е барано да бидеме дел од Владата бидејќи без пратениците на Алијансата, Заев не можеше да изгласа Влада“, рече Села.

Тој притоа нагласи дека е за продолжување на реформите бидејќи цврсто е уверен дека влезот во ЕУ и НАТО е клучна задача на земјата. Тој упати остри критики на адреса на ДУИ бидејќи, според Села, нема сторено ништо за правата на Албанците. Тој ја изнесе оценката дека на претстојните избори ДУИ ќе има катастрофален неуспех, додавајќи дека Алијансата е партија во која нема корумпирани функционери и очекува продолжување на зголемување на рејтингот. „Сите анкети покажуваат дека кај Алијансата има рапиден раст на рејтингот и покрај тоа што сега е во опозиција“, истакна Села.

Обраќајќи им се на присутните, секретарот на партијата, Арбен Таравари, рече дека проблемот со Министерството за здравство во Владата е наматнат проблем. „Со премиерот Заев во преговорите Министерството е дадено на партијата Алијанса за Албанците, а не на одредена личност, што значи дека право е на партијата кого ќе го номинира за министер“, рече Таравари.

КМ

(Макфакс)


Source: Македонија