(ВИДЕО) ЗНМ: Новинарите тепани и киднапирани, насилниците никој не ги гони

Новиот извештај за состојбата на медиумите и безбедноста на новинарите, изработен од ЗНМ, повторно покажува дека новинарите работат во небезбедни услови, а во минатата година беа тепани, киднапирани, биле повикувани на јавен линч, а често примале и закани.

Претседателот на здружанието на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вели дека e влошена и професионалната етика и нивото на цензура. Според извештајот, погрешната политика на минатата влада, користењето на јавните пари на приватните медиуми со цел да се контролира нивната уредничка политика, довела до фундаментални известувањa во медиумскиот сектор и ги ставила медиумите во непосакувани ризици.

„Насилниците и нивните ментори сакаат да ги замолчат новинарите. Минатата година регистрирани се 18 нови напади на новинари, од кои 13 физички напади, а, пак, другите се вербални, односно закани. Најбрутален напад е во 27 април, каде што насилниците кои влегоа во Собранието ги нападнаа новинарите, им одземаа опрема, а притоа, со оружје беа со часови држени, а полицијата не регираше. Насилниците сè уште не се казнети. Позитивно искуство имаме со полицијата, каде веднаш ги наоѓаат насилниците, но Обвинителство не ги процесира“

Насер Селмани потенцираше дека сè уште не се процесирани пријавите против Тони Михајловски, кој му се заканувал на новинарот Бранко Тричковски, и за Филип Петровски, кој навредувал новинари финансирани од СОРОС, додавајќи дека новинарите освен што немаат безбедност, тие имаат ниски плати, а немаат ниту договор за работен однос.

„ Па така, 45% од новинарите имаат помали плати од просекот, а кај некои од нив доцнат и платите. Има влијанија врз нивното пишување, односно уредниците им влијаат за да не пишуваат против лицата кои се рекламираат во нивните медиуми. Овие влијанија се и преку вербален, а некогаш и по физички пат“, додаде Селмани.

Според него, 95 отсто од нападите се извршени од претходната власт, односно сегашната опозиција. Селмани вели дека застрашувачки е што новата власт не е исто така заинтересирана за медиумите. Вистинската слика за грижата на новата власт кон медиуми го покажува моментот што процесирани се пријавите и нападите над политичарите кои се случија на 27 април, а не е процесирана ниту една пријава за нападите на новинарите.

„Ние работиме со сите институции и вршиме притисок тие да се на ниво на нивната задача, да ги преземат сите мерки за насилниците да се казнат. Единствена позитивна работа е што потпишавме меморандум за соработка со МВР. Неделава треба да се сретнеме со новиот јавен обвинител, пред кого ќе ја изразиме нашата загриженост за тоа како Обвинителството ги развлекуваше состојбите со решавање на нападите врз новинарите“, рече Селмани, одговарајќи како ќе се реши оваа лоша состојба со новинарите.

Извештајот ги карактеризира медиумите како партиски и независни. Истражувањето покажува дека состојбата со слободата на медиумите во Македонија се влошува и е речиси иста во однос на минатата година. Како што е наведено и во извештајот на Фридом хаус за 2017 година, медиумите во Макеоднија не се слободни, а според Индексот за слободата на медиумите на Репортери без граници, земјата се наоѓа на 111. место од вкупно 180 држави.
Кристијан Ландов (Макфакс)


Source: Македонија