Средби со Ципрас и Хан на агендата на Заев во Давос

Премиерот Зоран Заев од 24 до 26 јануари ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, на кој оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот, информираат од владината прес-служба.

Најмногу внимание во јавноста привлекува средбата на Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, најавена за среда на 24 јануари. Покрај тоа, на 26 јануари претседателот на Владата ќе оствари средба и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Истиот ден во агендата на Заев е и средбата со директорката за Европа на Светскиот економски форум, Мартина Ларкин.

Во текот на овој работен престој во Давос, премиерот Заев ќе ги проследи специјалните обраќања на францускиот претседател Емануел Макрон, Жан Клод Јункер – претседател на Европска комисија, Тереза Меј, Бенџамин Нетанјаху и Ангела Меркел.

Како што најавуваат од прес-службата на Владата, Заев ќе учествува на панел-дискусии и работни средби со економски лидери од светот и со други високи гости од регионот, ЕУ и САД. За време на престојот во Давос премиерот ќе оствари и повеќе други работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис-лидери и соработници.


Source: Македонија