„Санте плус“: Констатираните недостатоци беа од административнa природа

онстатираните недостатоци се само од административно-сметководствена природа и беа остратени уште во текот на денешниот ден, реагираат од приватната болница „Санте плус“ кога добија забрана за работа поради констатирани недостатоци од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Преку соопштение болницата ја оцени објавата на Инспекторатот како тенденциозна образложувајќи дека ДСЗИ во објавата за затворање на болницата посочил дека биле констатирани недостатоци, меѓутоа премолчел дека се работи за недостатоци од административна природа.

„Целта на ова беше да се наруши нашата репутација и да се создаде впечаток дека се констатирани некакви недостатоци од медицинска природа, што е апсолутно неточно. Напротив, во текот на досегашните инспекции од комисијата формирана од министерот за здравство, а во врска со пациентката Дебора Ќерими-Џамбази, е увидено дека целата интервенција е извршена во согласност со постојните медицински протоколи од страна на врвни стручњаци во својата дејност. Сметаме дека ваквите тенденциозни и субјективни соопштенија за јавноста единствено ќе ја нарушат репутацијата на Министерството за здравство, во чиј состав работи ДСЗИ“, стои во реацијата на „Санте плус“.

Минатата недела во болницата почина 31-годишна родилка од Кичево при породување со царски рез. Неофицијалните информации велат дека таа починала кога при воведување во целосна анестезија ѝ се затвориле дишните патишта. Докторите се обидувале да ја вратат во живот еден час и го извадиле бебето од утробата на мајката, кое исто така било без кислород. Родилката од приватната болница била однесена на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.

Сè уште не се знае кога настанала смртта. Од приватната клиника, но и од КАРИЛ, велат дека родилката не починала во нивната установа. Бебето, пак, е во стабилна состојба, но сè уште прима медицинска терапија.


Source: Македонија