ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста мора да знае каква е стратегијата зад преименувањето на аеродромот и автопатот

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ги пренесе своите впечатоци во врска со вчерашната средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас во Давос.

„Ја поздравуваме средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција. Сметаме дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји“, наведуваат од партијата во своето соопштение.

Меѓутоа, како што велаат оттаму, во овој момент ВМРО-ДПМНЕ нема никаква информација за процесот на преговори околу проблемот кој што соседна Грција го има со нашето име.

„Не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија. Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо“, се нагласува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека не гледаат иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот за кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува.

„Македонските граѓани на вчерашната прес конференција слушнаа многу работи, но не слушнаа на која држава е премиер Зоран Заев, а не слушнаа ниту на кој јазик говори или на кој народ му припаѓа“, заклучуваат од опозициската партија.


Source: Македонија