Соседот раскажува: Силниот пожар ме разбуди од сон

Првиот сосед на семејството Зулбеари зад камера за „Макфакс“ изјави дека силниот пожар го разбудил од сон, по што веднаш се симнал да види што се случува. Противпожарната бригада веќе била пристигната и дежурните пожарникари се обидувале да ги извлечат телата од пламените јазици кои ја зафатиле куќата.

Сè уште не се знае причината за пожарот кој избувнал изутрината пред 5 часот во домот на семејството Зулбеари, при што загинаа мајка и четирите малолетни деца. Постојат сомнежи дека настанал или од печката на дрва на којашто се затоплувале или, пак, од неисправна инсталација.

Во огнената стихија која го зафатила нивниот семеен дом на улицата Гоце Делчев успеале да се спасат свекорот и свекрвата, кои спиеле на долниот кат од куќата. Тие успеале навреме безбедно да го напуштат домот кој бил зафатен од огнените јазици. Во моментот кога се случила трагедијата мајката била сама со нејзините деца на горниот кат од куќата, додека нејзиниот сопруг бил на работа. Како што дознава „Макфакс“, во пожарот ги изгубиле животите деца на возраст од 6, 9, 12 и 14 години.
Виктор Јованов(Макфакс)


Source: Македонија