Дурловски во домашен притвор, за Пешевска мерки на претпазливост

Мерката притвор на Игор Дурловски Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 одлучи да му ја замени со мерка куќен притвор, додека на пратеничката Жаклина Пешевска мерката куќен притвор ѝ се заменува со мерки за претпазливост. Таа има обврска да се јавува на овластено службено лице во судот, и се одзема патната исправа и има забрана за издавање нова патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување, односно одржување контакт со одредени лица

Освен Дурловски од притвор во домашен притвор се ослободува и вработената во Собранието, Елена Доцевска – Божиновска.

На останатите обвинети судот одлучи да им ги продолжи предвидените мерки притвор и куќен притвор. Пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов остануваат во Истражниот затовор Скопје. Притворот му е продолжен и на поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков, организаторите на протестите „За заедничка Макеоднија“ Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Владо Јовановски.

На пет лица продолжена им е мерката куќен притвор. Меѓу нив се и пратениците Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал за продолжување на мерки за обезбедување присуство против 35 лица поврзани со настаните од 27 април 2017 година кои се случија во Собранието на Р.М. за кривичното дело од член 313 од КЗ, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителството и на :

К.М., С.В., Љ.А.,М.Ч.,Д.Л.,Г.Ѓ.,О.П.,О.Р.,М.П.,А.А.,И.Ц.,Б.Д.,Б.И.,В.Ј.,М.П.,З.С.,Ј.Ч.,И.С.,Г.А.,В.Т., и В.М., им ја продолжи мерката притвор во траење од 30 дена, а на Љ.Д.,Ј.Т.,С.М., С.М., и М.М. им ја продолжи мерката куќен притвор“, соопшти судот.(Makfax)


Source: Македонија