Нападнат познат македонски новинар

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот на новинарот на онлајн-медиумот strugalajm.org, Арманд Брахо, што се случи неделава во хотелот „Дрим“ во Струга. Според исказот на новинарот, насилници од редовите на „Алијансата за Албанците“ го нападнале за време на конференција, на која тој бил уредно поканет.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги повикува властите бргу да го истражат случајот и да ги казнат насилниците. „Доколку сака новата власт да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари, мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“, истакна Селмани.

Ваквата насилничка атака ја потврдува оценката од извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година, каде што се вели дека нападите врз новинарите се поттикнати од политичките партии.

Според исказот на Брахо, претседателот на „Алијансата“, Зијадин Села, пред да ја напушти конференцијата во Струга му се обратил со зборовите: „Бегај одовде и не враќај се повеќе, оди кај тие што те пратиле за да им земеш интервју“. По ова, лица од „Алијансата за Албанците“ почнале да го малтретираат новинарот, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот, новинарот бил и физички нападнат.

Брахо ги пријавил насилниците во полиција. Досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.


Source: Македонија