Беса реагира зошто не е поканет нејзин претставник на средбата за спорот со името

Денешната средба помеѓу премиерот, претседателот на државата и претседателите на политичките партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е уште еден доказ за ингнорирање на претставниците на мнозинството на Албанците во Македонија, реагира Движењето Беса, во врска со денешната средба за спорот со името.

„Имајќи предвид фактот дека ние сме биле целосно посветени и конструктивни во процесот на преговорите кои се одвиваат меѓу Македонија и Грција за спорот со името на државата, се чувствуваме игнорирани од фактот што мнозинството на преставниците Албанци во Македонија кои во овој случај не се ДУИ, се оставени надвор од процесот за информирање во врска со преговорите за спорот со името“, велат од Беса.

Тие велат дека го разбираат фактот дека на секоја македонска политичка партија било тоа да е СДСМ или ВМРО ДПМНЕ поедноставно ѝ е да ги повикува само ДУИ во вакви процеси бидејќи, како што велат од Беса, тие добро ја знаат улогата на статист .

„Исто така е несфатлив пристапот на овие политички актери што на ваков начин го елиминираат гласот на албанската опозиција со тоа што не го повикаа Движењето Беса како најголемата партија на Албанците во опозиција да биде дел од еден состанок што е многу важен за иднината на државата“, се вели во соопштението.

Од таму апелираат државниот врв да го смени, како што велат, своето селктивно делување за вакви битни процеси за иднината на државата и да ги почитува гласовите на Албанците кои во овој случај се мнозинство во опозиција.


Source: Македонија