Oсмани: Законот за јазици ќе биде донесен и покрај попречувањата

Законот за јазици ќе биде донесен и покрај попречувањата на опозицијата и непотпишувањето од страна на претседателот Ѓорге Иванов, истакна вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната средба со новинарите.

„Законот е целосно во рамки на Уставот и го задоволува духот на Рамковниот договор. Законот ги помина сите фази во Владата. Жалиме што истиот не беше потпишан од страна на претседателот кој со тоа пропушти шанса да биде кохезивен фактор во општеството на крајот од неговиот мандат. Жално е и тоа што ВМРО-ДПМНЕ не го искористи моментот за да ги потврди своите тврдења по изборите дека е погрешно интерпретирана и не е антиалбански настроена“, рече Османи.

Додаде дека Законот ќе биде усвоен, но во меморијата на Албанците ќе остане противењето на една политичка партија кон прашање што е важно за втората по големина етничка заедница.


Source: Македонија