Демонстрации во центарот на Скопје – еве што се случува

Патриотските здруженија пред Собранието протестираат против промена на името на Република Македонија, во пресрет на доаѓањето на медијаторот Метју Нимиц. Граѓаните пред Собранието носат македонски знамиња и транспаренти со кои порачуваат дека не сакаат промена на името.

Учесниците на протестот упатија неколку пораки до Нимиц, до власта и до претседателот Ѓорге Иванов. „Нимиц да се повлече од срамната недостоинствена и за нас недозволива позиција на посредување на наметнат и апсурден спор со името, да престане да биде учесник во геноцидот и во уништувањето на македонскиот народ и држава, како и во повредувањето на македонскиот идентитет“, порачаа на протестот.

Тие бараат Нимиц да им ја пренесе на ОН пораката за несогласување, како што рекоа, „да се откажеме од нашето основно право и слобода да бидеме тоа што сме – Македонци“.

„Македонскиот народ нема да ги прифати овие решенија и ќе се бори со сите средства за враќање на одземениот суверенитет и за ревизија на сите спорни одлуки против државните интереси. Метју Нимиц да достави извештај до ОН дека македонскиот народ бара од него неотповиклива оставка на медијаторсата позиција и дека сака Република Македонија да биде примена на ОН под уставното и државото име. Истата порака ја упатуваме и до претставниците на ЕУ и НАТО во земјава, кои ги поддржуваат овие непринципиелни политики“, беше истакнато на протестот.


Source: Македонија