(Видео) Филипче да се извини на родилките за безобразната изјава или ќе се соочи со протест, реагираат активистите

Скандалозна, неумесна и безобразна изјава на министерот за здравство, се дел од реакциите на граѓанските активисти по вчерашнаата прес-конференција на министерот Венко Филипче, кој дел од вината за големата смртност на доенчињата ја префрли кај родилките.

На социјалните мрежи не стивнивуваат барањата за негова одговорност и извинување од министерот, а дел од активистите најавуваат и протест пред Министерството за здравство.

-Во земја во која и најмалите деца знаат дека здравството е во комплетен распад, каде бременоста чини огромни пари и средства, земја во која сè уште голем број жени немаат достапен гинеколог, недостигот на кадар и мизерните услови на клиниките, замислете министер за здравство во социјал-демократска влада дава грозоморно капиталистичка изјава во која тој ја приватизира вината врз жената, тоа е скандалозно и министерот мора да сноси одговорност, а најмалку што може да направи е да извини на сите родилки и семејствата кои ги изгубиле новороденчињата и до сите кои ги претрпеле траумите, вели активистот Славчо Димитров од Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализираните заедници.

Димитров додава дека Министерството треба да ги консултира невладините организации кои со години работат на решенија за основни здравствени услуги за пациентите и порачува да се фокусираат на обезбедување достапен гинеколог за сите жени, решение на проблемот со патронажните сестри, обезбедување бесплатни прегледи за бремените и бесплатни лекови особено за ранливите категории, како и подобрување на условите во болниците, но и доедукација на кадарот.

Со остра критика реагираше и професорката Мирјана Најчевска, која ги осуди изјавите на министерот.

„За предвременото породување не е виновен стандардот (недоволно храна, несоодветни услови за живот, неможност да се набават сите потребни витамини и потребни препарати), туку, ете, жените не се грижат за сопственото здравје. Не е виновно загадувањето на воздухот и водата и прехранбените продукти. Не. Виновни се жените што не водат сметка за своето здравје. Не е виновна државата која не обезбедува соодветна здравствена поддршка на бремените жени. Виновни се жените кои не водат грижа за сопственото здравје. Не се виновни лекарите кои имаат сè помалку знаење. Не. Виновни се жените кои не се грижат за сопственото здравје. Не се виновни болниците кои се наоѓаат во трета фаза на распаѓање, во кои царува нехигиената, во кои одиш да се разболиш наместо да оздравиш. Не. Виновни се жените кои не се грижат за сопственото здравје. Филипче е достоен ученик и наследник на својот ментор Тодоров. Срам да ви е СДСМ и срам да ви е мои шарени другарчиња кои го изгласавте без око да ви трепне“, напиша Најчевска на својот фејсбук-профил.(Макфакс)


Source: Македонија