Секој ден сослушуваме осомничени и сведоци за крвавиот четврток, за обвинение треба време, тврдат од Обвинителството

Во Обвинителството за организиран криминал и корупција продолжува сослушувањето на осомничени и сведоци за настаните од крвавиот четврток. Утре треба да продолжи распитот пред обвинителите на началникот во МВР, Душко Лазаров, потврдија неговите адвокати за „Макфакс“. Неколку од осомничените го почнуваат третиот месец во притвор. Од Обвинителството што го води случајот за „Макфакс“ не објавија детали зашто, како што велат, со тоа би го нарушиле текот на истрагата. Потврдија дека сè уште е рано да се говори за обвинение бидејќи станува збор за сложен предмет во кој се опфатени голем број осомничени лица.

„Надлежен јавен обвинител што постапува по предметот за кој покажувате интерес секојдневно сослушува лица во својство на сведоци и во својство на осомничени. Со оглед на тоа дека станува збор за предмет во кој се опфатени поголем број осомничени лица, за донесување соодветна јавнообвинителска одлука потребно е време. Во моментот не сме во можност да споделиме детали од истрагата со што не би го нарушиле нејзиниот тек“, велат од Обвинителството за „Макфакс“. За овој предмет на распит пред Обвинителството беа пратениците Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, како и други осомничени за насилството во Собранието од 27 април 2017 година.

Во меѓувреме од кривичниот суд во Скопје брифираа дека предметот со условните казни за напаѓачите во Собранието е вратен од Апелациониот суд. В четврток, пак, продолжува судењето за напаѓачите на Зијадин Села, кои се обвинети за обид за убиство. За напаѓачот на Шекеринска, Апелациониот суд пред една недела ја потврди висината на казната затвор што му ја одреди кривичниот суд.

В. Маглешов(Макфакс)


Source: Македонија