Охриѓани бараат да сопре изградбата на Али-Пашината џамија

Здружениeто на граѓани „Совест“ од Охрид бара кончено стопирање на изградбата на Али-Пашината џамија во градот. Оттаму велат дека и покрај нивните укажувања, надлежните институции инволвирани во градежните работи продолжуваат со својот молк и непреземање соодветни акции, со што стануваат соучеснци во опасни криминални активности.

„Наместо реставрација и конзервациаја, на локалитетот во најстрогиот центар на Охрид се извршуваат градежни работи, а за нив нема дозвола од ниедна институција. Актуелниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, и покрај јавно дадениот збор дека Министерствто ќе ги прекине градежните работи, до овој момент не презеде ништо за тоа реално да се оствари. Оваа неактивност на министерот зачудува бидејќи и тој има информации дека со големи количества бетон се покриваат остатоци на темели на ранохристијанска црква и базилика со значајни мозаици“, посочуваат од „Совест“.

Здружението најави дека ќе поднесе соодветни кривични пријави, а ќе побара и решение за привремено стопирање на градежните работи и инспекциска акција со цел да ги утврдат пречекорувањата во процесот на интервенција за обнова на Али-Пашината џамија.


Source: Македонија