Монтерот на камерите во Собранието сведочеше на судењето против напаѓачите на Села

На денешното рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села како сведок предложен од обвинителството пред судот исказ даде лице кое учествувало во поставувањето на камерите за видеонадзор во Собранието.

Сведокот рече дека камерите биле поставени при реконструкцијата на Собранието во 2015 година и дека тој учествувал во монтирањето на дел од нив. Прашања му поставуваа јавниот обвинител и адвокатите на обвинетите. Јавниот обвинител побара вкрстено испрашување за сведокот да го појасни исказот кој го дал за време на истрагата, а се однесува на техничките аспекти на видеоснимките. Сведокот посочи дека тој ги дал снимките на МВР по барање на инспекторите, но дека немал можност да ги гледа.

„Да можам да ги видам снимките би знаел да посочам за конкретната снимка за која ме прашувате“, одговори сведокот на прашање на обвинителот за конкретна видеоснимка од критичниот ден.

По кратка пауза судењето продолжува. На денешното рочиште нема да даде исказ Зијадин Села бидејќи судењето тече бавно, а тој преку неговиот адвокат замоли исказот да го даде на некое од следните рочишта бидејќи е претседател на политичка партија и има низа обврски. Следните рочишта се закажани за 19 и 20 февруари на кои се очекува исказ да даде Села како оштетен.

В. М.(Makfax)


Source: Македонија