(Видео) ВМРО-ДПМНЕ обвини дека одделот за хематологија на Детската клиника не работел повеќе од 24 часа

Неодговорноста на СДСМ кон здравството деновиве кулминира. Во текот на вчерашниот и завчерашниот ден повеќе од 24 часа на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје не беше во функција одделот за хематологија, а децата беа принудно префрлани на други оддели, обвини Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„На одделот за хематологија се лекуваат специфични болести на крвта. Тие болести бараат специјален третман, што вклучува изолација. Детската клиника сервисира голем број пациенти и не смее да се дозволи да биде во нефункционална состојба. СДСМ едно ветуваше од опозиција, друго прави од позиција на власт. Граѓаните и здравствениот персонал очекуваат од СДСМ да ги оствари ветувањата за здравството. Наместо остварување на ветувањата, имаме целосна безидејност и неработливост“, рече тој.

Министерството за здравство, додаде Николов, мора да обезбеди услови за нормално функционирање на здравствените установи. Здравствените установи и здравството во целост се оставени сами на себе.

„Власта не оствари ниту едно од предизборните ветувања. Нема поголеми плати за лекарите и медицинскиот персонал, има недостиг на лекови за ретки болести и инсулин, медицинските апарати не се сервисираат редовно и честопати се нефункционални, а зaменувањето и исчезнувањето бебиња од ГАК стана наше секојдневие. Сето ова кулминира со затворање на еден важен оддел на Клиниката за детски болести“, рече Николов.


Source: Македонија