ВМРО-ДПМНЕ: Богдановиќ да го реши проблемот со загадувањето во Центар

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција обвини дека Скопје три месеци се задушува во смог, а властите не преземаат ништо. Велат дека најзагаден е Центар, а ветувањето на градоначалникот Саша Богдановиќ за услови за здрав живот за сите е голема лага.

„Богдановиќ и СДСМ, кои ја имаат власта на сите нивоа, не преземаат ништо. Општина Центар најмногу ги чувствува последиците од загадувањето, каде што често концентрацијата на ПМ 10 изнесува од 8 до 10 пати над дозволеното. Од ветените експресни мерки нема ништо. Постарите граѓани и граѓаните со хронични болести, како и малите дечиња, секојдневно ги полнат здравствените установи“, изјави Јована Мишевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата вели дека, освен што треба да го реши проблемот со загаденоста, Богдановиќ треба да се заложи и за отстранување на кучињата скитици од улиците и да го изгради стационарот што го ветуваше.


Source: Македонија