Железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија, приоритет на двете влади

Изградбата на Коридорот 8 во железничкиот дел што треба да ги поврзува Албанија и Македонија, кој е предвидена да поминува преку Кичево-Струга-Лин и треба да стигне до Драч во Албаниј,а е приоритет на двете влади, изјавија директорите на двете железнички компании, Ирфан Асани и Ани Дурмиши, по средбата во Скопје.
Директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници- инфраструктура“, Ирфан Асани, својот албански колега Ани Дурмиши го информираше за активностите кои ги преземаат македонските железници и македонската влада за изградба на железничката делница Кичево-Струга-Лин.

„Од македонска страна веќе е изготвен финалниот проект за изгрaдба на пругата од Кичево до албанската граница, кој ќе ги покаже точките на поврзување на двете железници“, рече директорот на „МЖ инфраструктура“, Асани.

Според директорот на Албанските железници, Ани Дурмиши, приоритет на албанската влада е изградба и железничко поврзување меѓу Албанија и Македонија.

„Досега сме ја завршиле физибилити студијата за овој дел од железницата кој треба да ги поврзува двете држави, се надеваме дека многу брзо ќе ја знаеме и вкупната вредност на овој проект, но би сакал да нагласам дека албанската влада дала посебен приоритет за играда на овој дел од железничката инфраструктура, која ќе донесе економски придобивки за двете држави”, истакна Дурмиши.

Железничкото поврзување на Албанија и Македонија ќе има економски придобивки за двете земји бидејќи Албанија ќе се поврзе преку изградба на оваа делница со железници со Бугарија, додека Македонија ќе се поврзува со пристаништето во Драч, Албанија.

Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“ и Албанските железници имаат потпишано меморандум за соработка кој предвидува координирање и заеднички настап пред меѓународните фондови на ЈП „МЖ инфраструктура“ – Скопје и Албанските железници за обезбедување средства за железничко поврзување на Македонија и Албанија, односно изградба на пругата Кичево-Лин.

Се очекува до 2023 година Коридорот 8 во железничкиот дел целосно да биде функционален. На крајот на средбата двајцата директори се заложија за интензивирање на соработката.(Макфакс)


Source: Македонија