ЕКСКЛУЗИВНО Prespasky објавува: Граничниот премин “Маркова нога” се отвора во јуни – на свеченоста ќе присуствуваат Ципрас и Заев

Во јуни, ова лето, ќе биде отворен граничниот премин Маркова Нога – Герман, ексклузивно објавува PrespaSky.com, повикувајќи се на владини извори.

Според информациите на  PrespaSky граничниот премин ќе биде отворен како дел од мерките за градење на добрососедска политика меѓу Македонија и Грција.

Сето ова било договорено меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас, на самитот во Давос.

На свеченоста која ќе биде организирана во јуни ќе присуствуваат премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Потоа се очекува грчкиот премиер да направи обиколка на Охрид и Струга.

Случувањата се поврзуваат и со променатата на името на скопскиот аеродром кој се викаше Александар Велики во интернационален аеродром Скопје.

Променето беше и името на автопатот “Александар Македонски” во “Пријателство”

Инаку во тек се интензивни преговори за решение на долгогодишниот проблем со името меѓу Македонија и Грција, кои би требало да финишираат до јуни.

 

Маркова Нога бил граничен премин се до 1960-та година

Граничниот премин „Маркова Нога-Герман“ бил отворен до 1960-тите години, кога Грција одлучила целосно да го затвори. Долго време се правеле обиди од страна на македонските власти за негово повторно одбивање, но се наидувало на грчко одбивање.

Уште во 2006 година, Владата била целосно подготвена и технички и политички овој граничен премин да биде отворен.

 

Отворање на ваков граничен премин ќе значи многу за преспанската економија

Отворањето на граничниот премин Маркова Нога би можел да значи многу за економскиот просперитет на Преспа, имајќи го во предвид фактот што Преспа со години пропаѓа на сите полиња.

Економијата тоне, а како главна причина се ниските цени на јаболката, но и големите непогоди кои го зафатија регионот, а земјоделците се и натаму не-обештетени.

Пропаѓа и туризмот поради повлекувањето на Преспанското езеро, како и слабата заинтересираност за изградба на нови сместувачки и угостителски капацитети.

Но најлошо од се за преспанската економија е заминувањето на младите кои масовно се иселуваат барајќи подобар живот во странство или во главниот град.

Преминот Маркова Нога би можел да го раздвижи туристичкиот сектор, а со тоа и да ја зајакне економијата во градот.