Внимателно на Ѓавато – вечерва многу снег (видео,фото)

Вечерва се бележат умерени врнежи од снег на патот Ресен – Битола, кај Ѓавато.

Снегот навремено се чисти од страна на Македонија пат.

Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, во западните и југозападните делови од државата наместа со остатоци од кашест снег на коловозот.

Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, Маврово, Крушево, Кичево, Буково, Ѓавато, Пресека и Железнец, а со послаб интензитет во Тетово и на планинскиот премин Стража.

Во Гостивар и во Дебар врнежите се од дожд и снег.

На патните правци Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража и крак Маврово – Дебар има забрани за движење на тешки моторни возила поради врнежи од снег.

Од УХМР најавуваат дека под влијание на серија влажни бранови во наредните денови ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

Врнежите ќе бидат со слаб до умерен интензитет и повеќе застапени во западните делови од земјава.

Утре во овие делови локално се очекува да наврнат над 20л/м2, а снежната покривка на планините значително ќе се зголеми.

Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните подрачја до засилен југоисточен ветер.