Конкурс за туристичка фотографија од Преспа

Работниот тим на проектот „Туристички саем во Преспа 2018“ објавува награден конкурс за туристичка фотографија од Преспа. Дигиталните фотографии треба да се испраќаат како на e-mail адресата turistickisaem@hotmail.com како прикачување (attachment) на пораката. Во пораката треба да стои: име на авторот, телефонски број, место каде што е сликана фотографијата, датум (или година) кога е сликана, а опционално може и описен наслов на фотографијата. Конкурсот трае од 25 април 2018 (денот на неговото објавување на Facebook) до 10 мај 2018.
Услови што треба да ги исполнуваат фотографиите и авторите:
  • квалитетот на дигиталната фотографија да биде најмалку 1 мегапиксел;
  • туристичките фотографии можат да бидат од различни аспекти на туризмот: угостителско-туристички објекти, плажи, пејсажи, традиционални преспански специјалитети, културно-историски и верски објекти;
  • местото каде што е направена фотографијата мора да биде на територијата на Општина Ресен;
  • фотографијата може да биде малку софтверски коригирана ;
  • дозволено е да се испраќаат скенирани стари фотографии;
  • ако авторот е починат, дозволено е фотографијата да ја испрати негов наследник;
  • ако на фотографијата се препознаваат лица, авторот треба да обезбеди согласност од нив за јавно објавување на фотографијата;
  • еден автор на конкурсот може да испрати до 10 фотографии.
Пристигнатите фотографии ќе ги разгледува петчлена жири комисија, во која тројца членови се од работниот тим на проектот, а двајца се надворешни членови. Комисијата ќе направи пред-селекција на 20 до 30 фотографии кои ќе бидат објавени на Facebook страницата на проектот „Туристички саем во Преспа 2018“ на кои посетителите ќе може да се ставаат 👍 лајкови и коментари.
Конечниот избор на наградените фотографии ќе го направи жири-комисијата, имајќи ги во предвид добиените лајкови. Ќе бидат доделени две први, две втори и две трети награди во облик на уметнички слики. Свеченото врачување на наградите на авторите ќе се случи на главниот настан „Туристички саем во Преспа“ во месец јуни 2018. Со доделувањето на наградите авторските права се сметаат за откупени, односно секој автор дозволува неограничена употреба (без друг надоместок) на неговата наградена фотографијата во електронски или печатен облик (за разгледници и флаери).