(Ексклузивна фотогалерија) Историски ден и за Преспа: За прв пат регионот беше место за средба на ваков ранг високи функционери

17 јуни не само што ќе биде испишан во историјата на Македонија и Грција поради постигнувањето на конечниот договор за името, туку е и најзначаен ден за Преспа во поновата историја.

За прв пат од независноста во Преспа доаѓаат толку високи функционери.

Покрај премиерот Зоран Заев, на вчерашниот настан во Отешево присуствуваа и премиерот на Грција Алексис Ципрас, кој е прв грчки, но и странски премиер во последните 20-тина години кој стапнал на македонско тло.

За прв пат во Преспа пристигнаа и толку високи претставници на Обединетите нации, но и на европската комисија како Федерика Могерини и Јоханес Хан.

На настанот присуствуваа и министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коцијас, а присутни беа и други членови на грчката Влада.

Како дел од македонската делегација беа и високите функционери Александар Кирацовски, Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска кои несомнено дадоа силна поддршка на премиерите на Македонија и Грција во успехот да стават крај на горливиот тридецениски спор.

Вчерашниот настан е од големо значење за Преспа, не само поради фактот што се постигна историски договор во нашиот регион, туку и поради тоа што токму Владата на Македонија предводена од премиерот Зоран Заев го предложи овој дел од Македонија како место каде што ќе се случи историскиот настан.

Преспа вчера беше топ тема во светските медиуми, а тоа сигурно ќе придонесе прекрасното Отешево да стане уште повеќе препознатливо за Светот.

Ова е и порака дека Владата на Зоран Заев е решена да ја врати Преспа на туристичката мапа, како препознатлив туристички бисер во Македонија, за што во следниот период се очекува да следат конкретни чекори со кои ќе се забрза оживувањето на Преспа која со години беше запоставена и ставена во втор план.

 

(фотографија на присутните на настанот)

 

(Заев и Ципрас, на плажата LakeView во Отешево)

(Коцијас и Димитров ја предводеа делегацијата)

 

(два опремени хеликоптери го надлетуваа Отешево, вриеше од специјалци)

 (Могерини и Хан даваа изјава за медиумите)

     

(Со глисери од грчка страна дојдоа и си заминаа високите гости)