Преспански јаболкобер во четврток и петок

„Преспански јаболкобер“ годинава ќе се одржи на 26 и 27 септември во Ресен, а со симболично откинување на првото јаболко, според традицијата, на Крстовден официјално ќе почне и бербата на Преспанското јаболко.

Манифестацијата ќе почне со настап на Хрватско-македонското друштво „Езерки“, на градскиот плоштад „Цар Самоил“, а веднаш потоа ќе настапат ресенските групи „Инстикт“, „Реприза“ и Кристина Арнаудова. Претходно на спортските терени во градот ќе се одиграат меморијален фудбалски и ракометен турнир посветени на Благој Котларовски и Зоран Стојановски, а ќе биде одиграна и театарската претстава за деца „Бел заб – здрав заб“.

По откинувањето на првото јаболко на 27 септември, на верскиот празник Крстовден, на градскиот плоштад ќе се одржи ликовна работилница „Јаболко на платно“, како и презентација на земјоделска механизација.

Покрај настапите на повеќе културно-уметнички друштва од земјава и странство и локални групи, вечерната забавата ќе им биде препуштена на Влатко Лозановски и Амадеус бенд.

Најнови вести од Centar.mk