Груевски: Ќе има пеколни удари, ќе има жртви и саможртви, ама ќе издржиме

Очигледна е незаинтересираноста на новата власт кон одбележување на 23 Октомври, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на Свечена академија по повод Денот на Македонската револуционерна борба.

Груевски, говорејќи за Договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека Владата без јавна дебата и без да го праша народот за тоа, потпишала „договор со кој е превидено менување на учебниците по историја“.

Според него, ако го нема ВМРО ќе ја нема и Македонија, а како што рече тој, живееме во време кога духот на Македонецот е уништен.

– Тие нема да застанат тука. Ќе има пеколни удари. Ќе има жртви и саможртви ама ќе издржиме. Ќе издржиме и ќе победиме – рече Груевски.

Тој истакна дека и основачите на ВМРО никогаш не се поколебале и не отстапиле од идејата дури ни во своите последни моменти од животот.

– Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. Ние, наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст – порача Груевски.

Извор: Мета.мк

Source: Македонија