(ВИДЕО) Богдановиќ: Ќе го продолжам чесниот, одговорен и отчетен пристап на работа во Општина Центар

Општина Центар во изминатите четири години покажа дека може да се работи одговорно, домаќински, отчетно и во интерес на граѓаните, наместо криминално, расипнички и во интерес на Никола Груевски, како што владееше ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, рече на денешната прес-конференција Саша Богдановиќ, претседателот на ОО СДСМ – Центар и кандидат за градоначалник од оваа партија.

„Општина Центар е пример за отворена општина, за општина што работи заедно со граѓаните и општина која и покрај постојаните опструкции од централната власт направи многу не само за граѓаните во општината туку и за унапредување на целокупниот изглед на градот Скопје.
Јас како кандидат на СДСМ и коалицијата, заедно со советничката група по локалните избори, ќе го продолжам чесниот, одговорен и отчетен пристап на работа. Новата локалната власт предводена од СДСМ ќе биде достапна, услужна и отворена“, рече кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ.

Со нови начини на организирање на работата, додава Богдановиќ, достапност за граѓаните и навремени реакции, ќе наоѓаме трајни решенија за угледен и урбан Центар. Центар со повеќе зеленило и со чист воздух, повеќе спортски игралишта и велосипедски патеки, повеќе паркови и прифатилишта за животните, како и помош за социјално најзагрозените семејства во општината.

„СДСМ преку Владата докажа дека наместо за лични и партиски интереси, може и мора да се работи за доброто на граѓаните. По победата на локално ниво, тоа ќе го докажат и градоначалниците и советниците од СДСМ и тука во Центар и во Скопје и во сите општини низ Македонија“, вели Саша Богдановиќ.

 

Source: Локално