(ВИДЕО) Михајлоски повика на конгрес за избор на нов лидер за демократско ВМРО

„Идеалот на ВМРО е за слобода и правда, токму ваквите идеали беа напуштени изминатите години. Беше гушена слободата и беа направени големи неправди. Токму затоа на овие локални избори граѓаните, членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ го казнија тој начин на владеење. Политичарите треба да извлечат поука дека во иднина секој кој ќе се обиде да го узурпира најсветото нешто, а тоа е слободата на човекот, и правото на просперитетен живот, ќе биде жестоко казнет и отфрлен“, порача на вечерашната прослава во Младинскиот културен центар во Скопје, реформаторот Александар Михајлоски, кој е иницијатор на демократската и европска иднина на ВМРО.

Според него, токму затоа граѓаните на овие локални избори го казнија самоволието, а политичарите треба да извлечат поуки. „ВМРО-ДПМНЕ со изградба на Белиот дворец го напушти идентитетот од народна партија и стана елитистичка партија, што беше причина за големо разочарување кај членството. Затоа најавуваме дека ќе го напуштиме тој елитистички концепт и ние по реформите ќе ја напуштиме таа зграда и повеќе нема да биде наше седиште“, рече Михајлоски.

Во салата во кое одекнуваше „оставка, оставка“ за сегашниот лидер Никола Груевски, Михајлоски рече дека овие пораки и поуки важат и за СДСМ.

„Некои пораки и потези веќе се гледа дека се продолжуваат како пракса, но не треба да ги понесе триумфализам или народот ќе ги казни на следните избори“, порача Михајлоски.

Тој рече дека ВМРО мора јасно да се дистанцира од криминалот и крупцијата. „Партијата нема да штити криминал и корупција. Ќе промовираме нови политики кои ќе го заменат сегашниот нефункционален систем со нова подобра верзија. Да направиме помирување во општеството , да отвориме дијалог меѓу сите политички партии – со ова ќе дадеме силен импулс кон интеграцијата во европското семејство. Предуслов за ова е одржување на демократски и слободен конгрес, на кој членовите ќе го изберат својот лидер. Ние имаме план и ве уверувам дека реформите ќе победат. Дојдено е време за промени. Промените се во интерес на сите во Македонија. На Македонија и треба реформирано ВМРО-ДПМНЕ. Да се обединиме сите и да организираме слободен конгрес на кој членовите ќе изберат нов лидер, да ја вратиме довербата и на следните избори да извојуваме голема победа“, порача Михајлоски.

К.Озимец

извор: Макфакс

Source: Македонија