(ВИДЕО) Груевски: Можеби краткорочно ќе се радуваат, ќе си ги пребројуваат градоначалниците, но нема да нè скршат

Нема да дозволиме да нè скршат. Нема да нè скршат. Народот на Македонија нема да биде скршен. Можеби краткорочно ќе се радуваат, ќе си ги пребројуваат градоначалниците од првиот круг. Но овој народ знаел да се издигне како феникс. Знаел да се издигне и тогаш кога никој не очекувал. И повторно да се вивне високо со крената глава, со успех, и со победа, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг од Карбинци.

„Поминавме низ првиот круг на изборите, видовме како спроведува избори СДСМ. Класични африкански избори. Избори преполни со поткуп. Избори преполни со застрашување, втерување страв, заплашувања и уцени. На тој начин успеаја да ги освојат поголем дел од општините во Македонија. Користејќи ја полицијата, ставајќи ја во партиски цели“, рече Груевски

Додека го вршеа поткупот, како што дополни, полицијата чуваше стража, тоа го нема ни во Африка. Таквото делење пари како што беше овој пат, таквото учество на полицијата директно во изборите го нема никаде. Тоа беше крајна злоупотреба на државните средства и на државните институции. За што еден ден, порано или подоцна ќе има одговорност.

„Видоа дека не можат да не победат со работа и со проекти и удрија на криминални избори. Скршен череп на градоначалник, убиен носител на советничка листа, следење на нашите кандидати за градоначалници, слики на партиски активисти како се натпреваруваат кој има поголем пиштол или не знам каков пиштол. А, полицијата молчи, молчи затоа што е соучесник“, нагласи Груевски.

Тој рече дека секој ден со име и презиме пријавуваат како од СДСМ потплаќаат гласови и дека информирале, но немало реакција.

На стравот да одговориме со пркос, нагласи Груевски, со излегување во недела и со гласање за Зоран Минов. Масовно, одлучно, достоинствено и со интегритет.

„Во изминатите години кога СДСМ беше на власт се сеќавате дека ништо не беше направено за Карбинци. Дури ни во овие 5 месеци, во кои што имаа можност да се покажат. Ништо не направија. Карбинци не им е никаде на памет. Ниту пак брзо ќе им дојде. Или пак воопшто дали ќе им дојде. Она што сакам да го спомнам дека во 2006 година, кога влеговме во владата, во општината Карбинци имаше се на се вработено околу 280 лица. Толку се на се беа вработени и регистрирани лица“, истакна Груевски

Тој на крајот рече дека денеска во Карбинци има над 550 вработени. Нагласи дека тое е речиси дупло повеќе од она што го имало кога дошле на власт.

 

Source: Македонија