Милошоски: СДСМ со сеење страв и со закани го ограничува правото на слободен избор

На Република Македонија и понатаму ѝ се случуваат избори во кои се загрозени основните демократски процеси и со кои директно се врши влијание на изборната волја на гласачите, рече на денешната прес-конференција Антонио Милошоски, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова се избори каде што сè уште со сеење страв и со закани се атакува на ограничувањето на основното право на граѓанинот, а тоа е правото на слободен избор. Притоа не е страшно што ова се случува речиси во сите општини каде што ќе има втор круг на гласање, туку поопасно е што нема ниту заштита од државните институции, а многу државни институции се дел од овој процес на вршење притисок врз граѓаните“, рече Милошоски.

Тој рече дека тоа што било слика за изборите во предизборието пред првиот круг сега се пресликува и продолжува со зголемен интензитет секој ден, сè посилно да се врши притисок врз гласачите.

„Институциите, наместо да го спречат ваквиот притисок врз гласачите, министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, Министерството за земјоделство и други агенции, стануваат дел од притисокот врз гласачите. Нема општина што влегла во вториот круг на гласање, а да не се следени активистите на ВМРО-ДПМНЕ на коалицијата ‘За подобра Македонија’, кандидатите за градоначалници или нивни соработници или претседатели на општински комитети“, нагласи Милошоски.

На пример, додаде Милошоски, во општина Росоман десетина наши активисти се следени на дневна основа, тие пријавиле уредно во полиција дека се следени и дека им се закануваат, пријавиле со име и презиме кои луѓе им се закануваат, но полицијата не реагира.

„Во Македонија се случува изборно недемократско однесување на голем дел од активистите од СДС наголемо од државните институции што им служат како покритие, а крајната цел на сето ова е креирање една нова реалност во која полесно или без поголеми забелешки ќе се протуркаат одредени решенија кои се штетни за Македонија и македонскиот народ на кои господинот Заев претходно веќе се обврзал“, вели Милошоски.

Како што додаде тој, демократијата со овие избори не била унапредена, туку, напротив, била уназадена.

„Нашиот апел е граѓаните да си ја заштитат државата, граѓаните да ја одбранат демократијата и граѓаните да не подлегнуваат на притисоци за кого ќе го дадат својот глас. Сите оние што со поткуп, со закани или со криминал се обидуваат да влијаат на нивната волја, треба да знаат дека граѓанинот има суверено, загарантирано право зад избирачката кутија да ја искаже својата волја. За сите вакви изборни документирани насилства, закани, притисоци или уцени, одговорност ќе мора да има“, нагласи Милошоски.

(Макфакс)

Source: Македонија