Заев: Со новиот градоначалник Митев ќе ја стабилизираме општината, ќе изградиме водовод, канализации, улици, Зрновци да стане поврзана општина

Зрновци е една од најзапустените општини во Република Македонија. Тука, за жал се уште и во 21 век луѓето имаат септички јами, нема канализација, недостига здрава вода за пиење, децата на патот до училиште газат во кал, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев пред жителите на општината Зрновци.

„Еве доаѓа зимата, многу деца одејќи на училишта одат со влажни алишта, седат во училници по цели денови, има грипови, настинки и навистина во 21 век ова е недозволиво“, потенцираше претседателот Заев.

Тој ги увери жителите на Зрновци дека преку капитални проекти за две години од мандатот на новиот градоначалник Ванчо Митев, општината ќе блесне.

„Прво ќе вбризгаме пари за да ја стабилизираме општината која е во долгови. Мораме да ја стабилизираме општината за да дадеме ветер во грб. Веднаш за водоводите и канализациите, преку Министерството за транспорт и врски ќе ги обезбедиме финансиските средства, да почне да се гради. Директно ќе помогнеме за комплетно поврзување на општина Зрновци и да ги реконструираме запустените улици, а ги има многу такви“, им вети претседателот Заев на насобраните жители на Зрновци.

Затоа, како што рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и Зрновци очекува да се вклучи во процесот на промени. Тој нагласи дека централната власт заедно со Парламентот, ќе ги насочи своите капацитети за развој, пред се, на руралните средини.

„Развиени општини значат и развиени градови. Затоа, во името на добрата иднина и за Зрновци и за Македонија, на 29 октомври ве повикувам да гласате. Знаете како, со пенкало. И во Зрновци да падне режимот. Да ги донесеме промените и тука, за живот, за сите“, ги повика претседателот Заев граѓаните на Зрновци.

Source: Македонија