Прва награда за Изложбениот центар – Матка и јубилејно признание за ЕВН

Првиот изложбен центар за електрична енергија – Матка доби прва Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија за 2017, што ја доделуваат Координативното тело за општествена одговорност и Министерството за економија на Република Македонија.

Наградата е доделена во категоријата „вложување во заедницата“ како проект со најголеми ефекти во 2017 година.
Од отворањето во мај годинава па досега Изложбениот центар Матка го посетиле над 4000 лица преку групни и туристички посети.

„ЕВН Македонија многу искрено и со голем ентузијазам ги работи сите проекти. Чест ми е што сме дел од овој процес веќе 10 години од самиот почеток. Ние сме компанија која опслужува два милиона граѓани, со 2000 вработени и соработуваме со повеќе од 2000 компании. Тоа ни наметнува обврска општествената одговорност да биде нераскинлив дел од компаниската стратегија. И во иднина продолжуваме да работиме со уште поголема посветеност на овој план“, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Покрај првата награда, ЕВН Македонија доби и јубилејно признание за континуирано успешни општествено одговорни практики во изминатите 10 години. ЕВН Македонија доби и признанија за проектите „Енергетска математика – нова генерација“ и проектот „Управување со електронски отпад“.