Амбасадорот на Франција во посета на Битола

Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, денес ја посети општина Битола, каде што оствари прва официјална средба со градоначалничката Наташа Петровска.

На средбата се разговараше на повеќе теми кои ќе значат понатамошна соработка, но и поддршка за Република Македонија на патот кон Европската унија: „Историјата покажа дека Франција и Битола имаат една долга историја која што е историја на срцето, но и историја на пеметењето. Утре ќе отворам еден меѓународен симпозиум – којшто го организира Францускиот институт од Скопје на тема: „Војна и мир“ и кој што ќе прерасне во годишна научна средба и тоа е она што сакаме да го правиме и во Битола – да развиваме посебна соработка околу сите теми што ја допираат историјата, уметноста, културата. Го следев вашиот фестивал „Музика од светот“ двете вечери, а присуствував и на отвораќето на ИФФК „Браќа Манаки“, како настани од културата, а културата е многу значајна за нас французите, ние многу држиме до неа. Франција како и секогаш е покрај вас на патот кон Европа, по кој што Вие повторно тргнавте“, изјави амбасадорот на Франција во Македонија, Н.Е Кристиан Тимоние. Градоначалничката Петровска очекува интензивирање на соработката со Франија, а со тоа и повеќекратен бенефит за општина Битола: „Денес остваруваме првпат официјална средба со амбасадорот на Франција во нашата држава г-дин Кристиан Тимоние, каде што меѓудругото разговаравме за можностите за идните делувања, којшто се значајни и за двете страни. Знаеме дека следната година ќе одбележуваме 100 годишнина од мировниот договор помеѓу Германија и Франција, но и 50 годишнина од збратимувањето на Битола со Епинал. Овие два исклучително значајни датуми за нас се причина повеќе да ги интензивираме нашите соработки на сите полиња, особено на културното поле, на соработката помеѓу младите и отворање перспективи за младите, но и отворање на вратите за алтернативен туризам, историски туризам, од тој аспект и подобрување на економските состојби во нашата општина. Драго ми е што овие два значајни настани се поврзани токму со мојот мандат, за кој што сметам дека можеби на некој начин се и привилегија како градоначалник на општина Битола“, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.