УХМР: Дождовите ќе предизвикаат зголемување на водостоите на реките

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) очекува врнежите од дожд што се предвидуваат и за наредните два дена да предизвикаат зголемување на водостојот и да ги наполнат речните корита на водотеците низ земјава.

Во текот на денешниот ден врнежите од дожд беа најзастапени во западните и јужните делови од земјата. Според последните мерења од метеоролошките станици, во 13 часот најголеми количини на дожд паднаа во Гевгелија (49 л/м2), Демир Капија (38 л/м2), Струмица и Маврово (18 л/м2), Лазарополе (17 л/м2) и Пожаране (15 л/м2).

– Овие врнежи предизвикаа зголемување на водостојот на дел од водотеците во јужните и западните делови од земјата. Во текот на наредните два дена во земјава ќе продолжи да преовладува облачно време проследено со врнежи од дожд, кои според прогнозата на синиоптичарите на места ќе бидат обилни и ќе достигнат и над 40 л/м2. И покрај тоа што водостоите на реките низ земјава се уште се доста ниски и се далеку под просекот за овој период од годината, се очекува овие количини на дожд да предизвикаат зголемување на водостојот и да ги наполнат речните корита на водотеците низ земјава, велат од УХМР.

Зголемување на водостојот, додаваат, се очекува на сите водотеци низ земјава, а особено на помалите водотеци со мали сливни површини кај кои побрзо се формира истекувањето.

– Доколку се остварат прогнозите и на места заврнат над 40 л/м2 можно е да дојде до значително зголемување на водостојот и полнење на коритата на помалите реки, а на некои места можно е да има и локални излевања, пред се на малите водотеци. Најмногу треба да се обрне внимание на водотеците во јужните и западните делови од земјава односно на водотеците кои доаѓаат од Кожуфскиот Масив (р.Коњска, р.Кованска, р.Серменинска, р.Бошава, р.Дошница, р.Петрова), потоа малите реки во Гевгелиско – Валандовската Котлина (р.Анска, р.Поганска, р.Луда Мара), како водотеците во горниот дел од сливот на р.Струмица (Радовишкиот крај), посочуваат од УХМР.

Кај големите реки со големи сливни површини, прецизираат, се очекува зголемување на нивниот водостој, но тие имаат доволно голем капацитет да ги примат овие врнежи без можност за нивно излевање.

Од УХМР предупредуваат за внимателно движење покрај водотеците, особено помалите, и за будно следење на состојбата.