Имааат ли младите иднина во Преспа?

Недела, ден за наводно одмарање, релаксација и средување по куќа. Јас како и вообичаено го користам за средување, ама на мислите. Шо ме тераше да почнам да го пишувам овој текст кога знам дека ќе треба да биде подолг.

Мотивиран сум од една песна.

Нешто што ме тера да размислувам подлабоко за некој проблем, ситуација, идеја, визија е песната, текстот во неа и тишината. Тишината е две во едно (2/1). И најдобро, но и најлошо нешто што сме го добиле во овоземскиот живот. Зависи како ние ќе ја искористиме тишината.

Кога сум веќе кај песната, можеби ќе направи мало дефокусирање од некои мои гледишта, пред се дека е песна од ЈУ просторот, она што многу му фали на повозрасните генерации а по слушано Богами и на нас помладите. Песната е од “Бјело Дугме” и вели вака: “Јер кад остариш, нико не куца на твоја врата, нико….”

Е овие се зборовите кои ме поттикнаа на овој текст. Ме трогнаа вистински, оние зборови почетни на песната.
Се прашувам:
Дали Ресен е толку стар?
Дали може да е стар, а со колку толку млади луѓе?
Дали е толку стар, да повеќе никој “не чука на неговата врата”?
Изумира градот, а и ние полека со него, младите. Некогаш се мислам дали млади и воопшто има? Но, не дека има многу ко некогаш, а не се ни малку. Но што е тогаш проблемот, пасивноста, безидејноста, НЕмотивираноста, разочараноста, стравот, непросперитетноста…

Ова е најголемото прашање што ме мачи, последниов период.
Зошто сме пасивни? Зошто не можеме ние да сме водечката сила во градот, зошто ние не се залагаме за наша подобра иднина, зошто не предложиме идеи, мотиви, цели, работа заедничка…

Овде ние живееме и ќе живееме. Ќе живеат и нашите поколенија. Зошто не можеме да направиме сите по некоја мала остапка, да си пружиме рака, да си го намалиме егото, да го видиме светлото, ама она вистинското.
Ќе нема сила што ќе може да не запре, само ако почнеме од нас (младите), за да направиме подобро на идните генерации, зошто нашите (старите) живееа во друго време, во други можности. Старите на сите нас ни направија тоа што требеше, а најмногу што не требеше. Тие направија од нас еден благ вид “паразити” кои не можат да видат подалеку од своето прсте, да видат во убајните на животот, во перспективноста.

Ќе речите, не се старите, системот ве направи такви! А јас ќе ви речам, кој го правеше и водеше системот тогаш?

Затоа на нас е тежината, благовремено да си ги засукаме ракавите, еден по еден да си сработаме тоа што треба, за подобро утре за сите. Да не очекуваме резултати преку ноќ, да не се демотивираме при првиот пад, да не ги кочиме и спориме другите, ако сме веќе ние закочени.

Како да прескокнам, а да не напишам збор-два за герилците. Да бидеме герилци, позитивни, ете нека бидеме за почеток ЕКО ГЕРИЛЦИ. Да им изразиме благодарност на сите кои го преземаа овој чекор и стапнаа први на “старт линијата” во првите редови на долготрајната “борба”. Борба со најтешкото пред се друго. Борба со најтешкиот непријател во државава, особено непријател кој е изразен во нашава Општина. Непријателот ни е еден ист на сите. Тоа е нашата совест. Да ја промениме, за да смениме нешто на подобро.

За прикрај баталете политика.

А не ми е јасно уште нешто. Често блиски луѓе околу мене знаат да ме советуваат, да ме отргнуваат, немој толку напор, не вреди, за кого? Се трошиш за џабе, неспиеш доволно, размисли за кого, шо и зошто го правиш ова? Види можности да бегаме од овде далеку, подалеку!
Му велам: Проштевајте, ама тоа е мојот пат, морам да го изодам, односно ќе пробам. Знам дека ќе губам време за ништо, за никого, за некои безвезе луѓе, ама едно знам. Се што правам, правам само за едно нешто. За моето дете, а ако правам добро за моето, тврдам дека е тоа добро и за вашето, чуждото за сите идни генерации поддеднакво.
И уште ова им велам: Сакам на моето дете, поколенија да им оставам богатство, големо богатство, но не материјално (иако понекогаш секој посакува, па и јас), но, пак ќе речам сакам да им оставам богатство од вредности, богатство од позитивни мисли, богатство на душата за подобра свест, и повеќе љубов гледано од повеќе аспекти.

Се што сакам сега да правиме, е да ни биде тешко нам, за на идните генерации да им биде полесно. Мора некој да ја сноси тежината, нека бидеме ние – тие.

И за крај ќе ја додадам паролата на ЕКО ГЕРИЛА ПРЕСПА: “Да ја видиме Преспа поубава, почиста и попаметна”.

Ресен те љубам. Преспа те обожавам. Зошто толку, зошто?

19.11.2017 – Недела
Толевски Боби