Министерот Алаѓозовски во Ресен: Со соработка до заштита на вредното наследство и развој на културата

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, денеска беше во работна посета на Ресен, при што имаше средба со градоначалникот, Живко Гошарески. Тие заедно со в.д директорот на Завод и Музеј-Битола Александар Литовски ги посетија и објектите на културата, меѓу кои и Ресенскиот сарај, еден од најрепрезентативните објекти во Македонија изграден во неокласичен стил…

На средбата со градоначалникот Гошарески, министерот Алаѓозовски се интересираше за генералната визија и за проблемите на граѓаните на Ресен од аспект на културниот живот. Гошаревски ги истакна проблемите на Општината, зафатена од големите долгови оставени од претходниците, но ја посочи и потребата од збогатување на културните содржини во градот. На средбата беше потврдена идната потесна соработка помеѓу општината Ресен и Министерството за култура, со оглед на тоа што овој град имал богат културен живот, кој во последниве години беше речиси целосно запоставен.

Средбата се одржа во присуство и на граѓански активисти од културата на Ресен, кои ја истакнаа потребата од мултифункционален простор за различни филмски, музички, театарски перформанси и други културно – уметнички настани што би се одвивале преку целата година. Сите соговорници се согласија дека обновувањето на старото кино би можело да ја извршува таквата функција.

Градоначалникот Гошаревски и министерот Алаѓозовски споделија размислувања за низа нерешени прашања помеѓу централната и локалната власт. Заеднички, при посетата, ја констатираа потребата од итна санација на покривот на Сарајот, објект што е едно од најзначајните културни наследства во неокласичен стил, изграден пред повеќе од еден век. Вработените предложија да се направи меморијална соба на Младотурската револуција и улогата на соработникот на Кемал Ататурк, Нијази Бег.

Во истиот објект, министерот Алаѓозовски ја посети и постојаната поставка од Керамичката колонија, една од најреномираните манифестации од овој вид во Македонија, како и поставката на исклучителната македонска сликарка Кераца Висулчева.

При утврдувањето на проблемите со покривот на Сарајот, вработените го запознаа министерот Алаѓозовски со несоодветните простории, во кои биле приморани да депонираат илјадници копии од т.н. капитални преводи од поранешната влада, што претставува своевидно „Скопје 2014“ во издаваштвото според обемот на можни злоупотреби.

Претставниците на локалната и на централната власт се договорија заедно да работат на надминување на воочените проблеми и на новите иницијативи за унапредување на културата на граѓаните на Ресен.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски го информираше градоначалникот Гошаревски околу идејата Преспа да биде следниот регион, за кој би побарале статус на заштитен културен и природен предел во рамките на УНЕСКО.