Апсења ја тресат Македонија

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и уште 35 лица се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку 10 години.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.

Од таму велат дека по разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку 10 години.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и уште неколку лица утринава беа уапсени и одведени во кривичниот суд.

Меѓу приведените е и актерот Владо Јовановски, пратеничката Жаклина Пешевска, пратеникот Крсто Муковски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, поранешниот директор на ФЗОМ, Саше Стефановски, пратеникот Љубен Арнаудов, Богдан Илиевски – Бетмен и други.