ПРЕСПА И ТУРИЗМОТ ИМА СПАС ! ! !

Колку повеќе ми се зголемува желбата за да се отселам од родното место, од местото каде што сум играл, растел, пеел, смеел, плачел, падвел и станвел, толку ми е се поголема и мотивацијата да барам чаре, идеи, планови, предлози како да пробаме, да ја спасиме Општинава од оваа ништовност која владее години наназад, а не гледам ни огромен, дури ни никаков спас во иднина.

Нема предлози. Нема идеи. Нема стратегија. Нема желба. Едноставно нема што нема.

Како и вообичаено, јас ќе си „трубам“. Тоа е мојот начин на изразување на задоволтво и незадоволство, на фалење и ќудење, на БРАВО и УАААА!!!

Денес одлучив.

Ќе пишам за единствениот најблизок спас на Општината. Нешто на што можеме да се потпреме, барем тро. Тоа е, неговото височество, ТУРИЗМОТ.

Искрено, се чудам што „створења“ сме вакви – никакви? Што народ ќе бевме? Што чудесија? Толку убајна, толку мир, толку природно богатство, а толку некапацитетлии луѓе, толку без желба, толку не еснаф луѓе се имаме напрено, шо чоек да се чуди, ама стварно. Толку неискористен капацитет незнам дали некаде постои. Ни требаат за почеток само две работи, мала желба и многу работа.

Треба да се променат многу работи, но во овој текст ќе ги наведам во скратена форма.

  1. Општински тим, кој ќе работи строго на туризмот, луѓе со волја, капацитет, голема желба, мотиви, креативност, истрајност, упорност, строгост и отчетност кон работата која им е доделена. Пред година дена, имав пишувано статус со предлог, направете тим, гарантирајте му 3-4 години дека ќе имаат плата гарантирана од општината, но потоа, ќе мораат сами да си ја заработаат платата од веќе развиениот туризам и такси кои се плаќаат за истиот, од продажба на сувенири и слично. На тој начин ќе бидат стимулирани или приморани да се борат на секој можен начин да го подобрат туризмот. Искористете го моментот, направете тим, за неколку години да видиме колку толку бенефит.
  2. Проблем е сметувачкиот капацитет? Кој го немаме! Точно, но и тоа е решливо. Колку луѓе во Преспава имаат станови, куќи (читај палати), соби и слично, а се напуштени, односно никој не престојува во нив? Ете можност, со мала адаптација да имаме понуда од сместувачки капацитет, мини хотелчиња можат од некои куќи да никнат, мотели, апартмани или соби. Па и тоа е дополнителен приход. Од друг аспект, ако зголемиме туристи се зголемува можноста и за инвеститори за хотели да се појават. Вака во шо да инвестираат, во пустелија?
  3. Главното го имам распоредено под овој реден број. Кои видови туризам можеме да ги практикуваме? Јас велам сите можни, колку што можеме повеќе е подобро. Да ги комбинираме, и тоа ни е опција. Како и да правиме само што повеќе луѓе да привлечиме, така ќе зголемиме и вработувања и финансии во Општината. Еве поголем дел од видовите на туризам кои можеме да ги практикуваме:

– Езерски туризам; – Ловен и риболовен туризам; – Планински туризам; – Велосипедски; – Религиозен и историски туризам; – Спортски и рекреативен туризам; – конгресен/семинарски туризам; – здравствен туризам; – кампувачки туризам; – детски и младински туризам; – Туризам за „трето доба“ (пензионерски); – рурален/земјоделски туризам; – културни настани; и многу други кои можат да произлезат со цел привлекување повеќе туристи.

  1. Други проблеми кои можат да произлезат, кои би биле? По реална претпоставка, негостопримливоста на населението, или она навкосо гледање кое му го пружаме на секој кој доаѓа надвор од околината на Преспа. Да смекниме малце, за доброто на сите, особено за иднината наша и на нашите идни генерации.

 

Покрај сите други наведени работи, приоритетна според мене активност и проблем кој треба да го средиме и решиме е еколошката свест. Мораме да сме почисто место пред се за нас, за идните генерации а исто така пред се друго во очите на другите, односно на туристите. Ова е еден од начините со кој во најблиска иднина можеме да станеме подобро економско место и да се искачиме барем една мала стапка нагоре во економијата, како општина.

Има уште многу за наведување, но ете ова нека биде еден вид поттик, надлежните да си се позанимаваат со овој вид проблем. Ако успеат да го подобрат туризмот, ќе бидат врежани длабоко во историјата на Преспа, а не да бидат споменувани како фигуративни „столбови“ кои се прославиле со многууу безначајни (барем по мене) направени „проектишта“…

Претпоставувам дека пак се прашвите, зошто се трудам да пишувам, кога се е исто и полошо? Јас си велам, ако нека си сејт, некој некогаш можи ќе речи: „види, имало иницијативи, ама немало слух за истите“, и можда ќе додадат „Жално!!!“

Знам дека ако сакаме ќе постигнеме, но во што е проблемот:

–  Шо нејкиме?

–  Шо незнеме?

–  Шо немаме капацитет?

–  Шо можи да е?

–  Лакомоста, само за нас да гледаме?

–  Наполни го „џепчето“ и па-па?

–  Или ? ? ?

 

Толевски Боби

Вторник – 28.11.2017г.