Убава вест за земјоделците – еве што најави министерот Николовски

Земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, и ќе имаат приход до еден милион денари, персоналниот данок кој во текот на годината ќе им се задржи, ќе им биде вратен во целост на крајот на годината, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски за измените на Законот за персонален данок на доход.

Тој додаде дека, заедно со Mинистерството за финансии, имаат предлог-законско решение за персонален данок, од кој директна полза ќе имаат земјоделците. Николовски појасни дека, повратот значи ослободување од данокот, оти на крај на година, земјоделците ќе си ги добијат парите кои им биле задржани.

– Тоа значи дека околу 65 илјади земјоделци на почетокот на секоја година на својата сметка ќе добијат износ еднаков на задржаниот данок. Со оваа мерка, околу 7 милиони евра повеќе пари ќе останат кај земјоделците. Од државата се пренасочуваат, кон граѓаните земјоделци – рече Николовски.

Тој додаде дека со новите измени, земјоделците се ослободуваат од административни трошоци и од обврската да поднесуваат даночни пријави. Тоа во нивно име ќе го сторат откупувачите./Извор: Мета.мк