(Видео) Ќе има две бугарски држави, две бугарски цркви, а на повидок е трета албанска држава на Балканот, порача Венетски на протестот

„Со потпишаниот договор со Бугарија ќе има две бугарски држави, две бугарски влади, две бугарски цркви. Со законот за двојазичност на повидок е трета албанска држава на Балканот, овој пат легално формирана“, рече Венетски.

Организаторите на протестот Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“, Македонски обединети сили (МОС) и уште неколку граѓански здруженија, и на овој протест го повторија ставот дека се против Законот за јазиците и против менувањето на името затоа што со такви чекори се губи македонската држава и македонскиот народ. За непријатели на македонскиот народ, на протестот беа посочени пратениците во Собранието на Република Македонија кои гласаа за Законот за двојазичност и беа прочитани нивните имиња. Организаторите порачаа дека долгиот список непријатели може да се дополни со секој што ќе посегне по идентитетот и ќе помогне во гласање на одлуките.

Ана Бобинкова-Мијаковска од Здружението „Преродба“ повика на заедничка борба за зачувување на суверенитетот и одржување на идентитетот. Таа нагласи дека е поведена петиција од сите кои не се согласуваат со одлуките и договорите што ги носи власта, која за неа е антимакедонска.

„Никој не може да не натера да се откажеме од својот идентитет, од својот суверенитет“, рече Бобинкова-Мијаковска.

По нејзиното обраќање, Љубиша Настовски од МОС рече дека секогаш кога жена ќе се фати меч во раката, правдата стигнува. Тој ги повика сите Македонци да истраат во борбата за идентитетот.

„Го завршуваме овој протестен митинг и се надеваме дека во мир ќе ја завршиме работата која ја започнавме, а ако не биде мир, ќе биде војна“, рече Настовски.

Во истиот момент кога Настовски го одјави протестот од импровизираната бина во паркот „Жена – борец“, младите луѓе кои тој ги нарече јунаци, на булеварот „11 Октомври“ го запалија знамето на ЕУ. Многумина дотрчаа да си направат селфи фотографии со запаленото знаме пред Собрание. Полицијата не интервенираше во ниту еден момент. Полцајците стоеја зад барикадите со кои беше оградено Собранието.

Денешниот протест, иако помасовен од претходните, организаторите го оценија како недоволно посетен и побараа на следните протести на улица да видат еден милион луѓе за одбрана на идентитетот.

(М.И.П.)

Source: Македонија