Ексминистерот Никола Тодоров и дедото на Тамара од Велес утре повторно на суд

Во кривичниот суд утре продолжува судењето за Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара од Велес, кој е обвинет за обид за убиство на ексминистерот Никола Тодоров. На утрешното рочиште, треба да бидат приложени нови психијатриски вештачења, откако претходно адвокатката на обвинетиот побара судот да ги издвои вештачењата за нејзиниот клиент, бидејќи на вештаците им биле истечени лиценците во моментот кога го опсервирале обвинетиот. Судечкиот совет со кој претседава судијката Лаличиќ им го прифати барањето и одлучи на следната расправа да биде изготвено ново вештачење што ќе го направи ЈЗУ „Психијатриска болница – Скопје“.

Од вештачењето треба да се утврди дали обвинетиот бил пресметлив кога го извршувал кривичното дело, дали е свесен за последиците и дали има одредени психички нарушувања. Токму поради тоа обвинетиот на минатото судско рочиште не можеше да се произнесе дали е виновен или не. Претседателот на судот, Иван Џолев, претходно не дозволи судијката од бомбите, Софија Лаличиќ, да биде изземена од постапување по предметот, како што побара адвокатката Павлина Зефиќ.

Стојановски на 1 јуни 2017 година пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Дедото на Тамара е обвинет за две кривични дела – обид за убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Судот му определи притвор на Стојановски поради постоење опасност од бегство и опасност од повторување на истото кривично дело, a мерката му е продолжувана неколкупати досега.

В. М.(Макфакс)

Source: Македонија