Заев се сретна со Сорос: Можности за нови бизниси и директни инвестиции

Во рамките на учеството на Светскиот економски форум во Давос премиерот Зоран Заев се сретна со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на Фондацијата „Отворено општество“ (ФОО), и со Александар Сорос, заменик-претседавач со глобалниот одбор на ФОО.

Како што соопшти Владата, на средбата било истакнато дека Република Македонија ги споделува и промовира вредностите на демократијата, заштитата на човековите права, владеењето на правото и отвореното општество како вредности за кои се застапува и ФОО.

Концептот отворено општество еднакво за сите и понатаму останува столб врз кој се гради новиот лик на Република Македонија, заедно со демократските реформи за членство во ЕУ и НАТО и со економските мерки што ги презема Владата, било нагласено на средбата со Џорџ Сорос.

Владата на Република Македонија и Џорџ Сорос остануваат и понатаму отворени за соработка на планот на развојот на демократските капацитети на општеството, како и на можностите за нови бизниси и директни инвестиции, се додава во соопштението.


Source: Македонија