Законот за јазиците е сепаратистички и ќе предизвика меѓуетничка омраза, велат организаторите на протестот пред Собранието

Група граѓани пред Собранието повторно бараа повлекување на Законот за јазиците бидејќи, како што велат, го потчинува македонскиот јазик, но и македонскиот идентитет. Организаторите ги поздравија и притворените за настаните од 27 април за кои побараа ослободување бидејќи биле неосновано приведени. Страшо Олумчев од Семакедонскиот национален совет вели дека иако бројката на демонстранти е мала, тоа не ја одразува волјата на граѓаните. Тој не посочи кои членови од предлог-законот се спорни.

„Мене ме провоцира фактот што ниту една од политичките партии не бара попис. Кој тврди дека Албанците се 20 проценти во одредена општина или Македонија? Она што е впечатливо како факт е тоа што тие се закануваат со казни поради непознавање на албанскиот јазик од страна на македонскиот народ. Државен јазик е македонскиот. Ова што се случува е спроведување на тиранската платформа“, вели Олумчев.

Пред Собранието има и пункт каде што граѓаните се потпишуваат за Собранието да не го застапува нивниот став и да не одлучува во нивно име. На оваа иницијатива досега се потпишале речиси 2.000 граѓани. На протестот претседателот Иванов беше повторно прогласен за кукавица, а власта неграѓанска. Претседателката на „Преродба“, Бабинкова-Михајловска, на денешниот протест рече дека овие чекори на актуелната власт се израз на непринципиелна политика, каде што дипломатијата не е присутна.

„Ова е добивање поени за лични интереси со распродажба на највисоките свети заложби и интереси. Ќе протестираме додека не се донесат протесните барања. Ние кога ги најавувавме протестите, секаде кажувавме дека е мирољубив собир. Никогаш од оваа говорница јас не сум говорела да подгревам меѓуетничка омраза. Секогаш нашата осуда беше насочена кон македонските претставници во власта. Носењето на овој закон е сепаратистички и ќе предизвика дополнителна омраза. Политичарите предизвикуваат меѓуетнички тензии“, рече Ана Бабинкова-Михајловска, претседател на здружението на граѓани „Преродба“.

Според Бабинкова-Михаловска, на овие протести не се шири национализам, туку ова е борба, порив за опстанок кој не е насочен кон никого.

К. Ландов(Макфакс)


Source: Македонија