Османи во Виена: Поддршката на процесот на проширување очекуваме да продолжи и за време на австриското претседателство

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Австрија се сретна со генералниот секретар при Министерството за надворешни работи на Австрија, Мајкл Линхарт.
Како што информираат од кабинетот на Османи, состанокот е одржан во еден од клучните моменти за напредокот на Република Македонија во европските интеграции, на само една недела од излегувањето на Стратегијата на Европската комисија за проширувањето со земјите од Западниот Балкан, што впрочем била и главна тема на состанокот.
„Имаме значаен напредок во имплементацијата на реформите предвидени во планот 3-6-9, но и напредок во справувањето со политичките предизвици, за што очекуваме цврсти и недвосмислени пораки во рамките на Стратегијата за проширување, за визибилност на европските перспективи на Република Македонија“, истакнал Османи на средбата. Тој додадал дека не само Македонија туку и земјите од регионот имаат големи очекувања од Стратегијата за проширување на Европската комисија, што, според него, говори за проширениот европски оптимизам на Балканот.
„Република Македонија, но и земјите од Западниот Балкан може и треба да бидат дел од решението, а не дел од проблемот“, изјавил Османи.
Османи воедно информирал и дека Македонија интензивно се подготвува за важните настани кои ѝ претстојат, особено за исцрпување на сите можности од претседавањето на Бугарија со Европскиот совет, но и подготовки за историскиот самит на проширување кој треба да се одржи во мај во Софија.
„Имаме големи надежи од претседавањето на Бугарија со Европскиот совет, но позитивно гледаме и на претседавањето на Австрија веднаш по Бугарија“, истакнал Османи. Тој изразил надеж дека Австрија најмалку со исто темпо ќе продолжи активно да работи на процесот на проширување, но и надеж дека Австрија ќе продолжи со поддршката за Република Македонија и нејзините евроинтегративни процеси, во насока на почнување преговори за членство во Унијата.


Source: Македонија

Најнови вести од Centar.mk