Јованоски на средба со архитекти од Прилеп

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска оствари средба со дваесетина архитекти од градот со цел да ги слушне идеите на стручната фела за урбанистичко средување и поубав изглед на градот, информираат од Општина Прилеп.
Прилепските архитекти го искажале задоволството од иницијативата за  ваква средба и нивното вклучување во утврдување на приоритетите за урбанистички развој на градот. Она што секој од нив го истакнал била потребата од целосно средување на инфраструктурата во градот, почнувајќи од комплетната реконструкција на улиците, ослободување на тротоарите за непречено и безбедно движење на пешаците, изградба на нови мостови, како и имплементација на конкретни мерки за намалување на фреквенцијата на сообраќајот во централното градско подрачје.
Како долгорочни проекти за кои треба да се размислува биле предложени проекти за изградба на подземна сообраќајница, уредување на просторот околу вештачкото езеро, изработка на проектна документација за уредување на Маркови Кули, а меѓу приоритетните проблеми кои бараат брзо решавање биле истакнати уредување на индустриската улица „Трајко Николоски“, со цел да се ослободи центарот на градот од движење на товарните возила. Покрај инфраструктурното уредување на градот, од општината информираат дека прилепските архитекти ја акцентирале и потребата од просторно и урбанистичко уредување на населените места.
Тие посочиле на потребата од измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план, како и усогласување и доработка на деталните урбанистички планови, за што е потребно и организирање  стручна дебата. Според нив, Општината треба да обрне поголемо внимание на узурпирањето на јавните површини и пешачките патеки од страна на сопствениците на угостителските објекти, но и регулирање на влезот на возила за дотур на стока во дуќаните во Старата прилепска чаршија.
На денешната средба била потенцирана потребата од измена на Законот за градење и Законот за урбанистичко и просторно планирање. За таа цел, архитектите го посочиле ЗЕЛС како институција која на Владата би ѝ ја посочила неопходноста од измена на постоечката законска регулатива.
Средбата на градоначалникот со прилепските архитекти завршила со најава за нова скорешна средба, на која ќе се разговара за конкретни теми и проекти.


Source: Македонија

Најнови вести од Centar.mk