Заев со претставници на Сојузот на борците од НОВ: Владата ги почитува и негува историските вредности

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со д-р Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, проф. Трајко Стаматовски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот, и потпретседателот Борко Зафировски.

– Ние како Влада сме должни да оддаваме почит кон тие што се заслужни за создавањето на нашата држава и да ја почитуваме таа генерација учесници во НОВ како еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија – рече премиерот Заев на средбата со претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ.

Присутните го запознаа премиерот со проблемите со кои се соочуваат поради немање соодветен простор и финансии за одржување на секојдневните активности, кои се насочени кон враќање и продолжување на традиционалните вредности и стремежи кои како порака ги пренесува НОВ.

Премиерот Заев, искажувајќи разбирање за проблемите, го нагласи значењето на Сојузот на борците од НОАВМ и истакна дека државата е должна да се грижи младите луѓе во Македонија да се воспитуваат во духот на почитувањето на историските вредности.

Истовремено, премиерот Заев повтори дека во буџетот на РМ се предвидени средства за Сојузот на борците додавајќи дека тоа ќе се прави и во иднина, а за просторот се разменија неколку мислења за да се најде соодветно решение.

– На нашите средби разговараме за дневните и државните политики, отвораме дебати, ве поддржуваме во напорите да изнајдете решенија за надминување на проблемите и за остварување на стратегиските интереси, како што се евро-атлантските интеграции – му порачаа присутните на претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.

Претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ го поканија премиерот на една од тие отворени дебати и тој со задоволство прифати.
Премиерот Заев оцени дека граѓаните на Република Македонија, благодарение на борците од НОВ, ја добија својата држава и тоа ги задолжува идните млади генерации да бидат поддржувачи на оваа организација за да ги чуваат и унапредуваат традицијата и заветот.


Source: Македонија