Џафери-Шчербак: Постои потенцијал за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Русија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со амбасадорот на Русија, Олег Шчербак.

„Нагласувајќи дека по настаните од 27 април 2017 година, Собранието успеа да се врати во нормален тек на функционирање, претседателот го информира амбасадорот Шчербак за активностите што му претстојат на Собранието на Република Македонија до крајот на годината, како што е усвојувањето низа реформски закони што произлегуваат од препораките на Европската Унија. Покрај тоа, преговорите меѓу власта и опозицијата продолжуваат и покрај одлуката на опозицијата да не учествува во работата на Собранието“, соопшти собраниската прес-служба.

Џафери ги потврдил стратешките приоритети на Република Македонија, како што е членството во ЕУ и НАТО, укажувајќи дека во април очекуваме позитивен извештај од Европската комисија и покана за членство во НАТО на следниот самит на алијансата.

Амбасадорот Олег Шчербак изразил очекување дека билатералните односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија ќе продолжат да се продлабочуваат во сите сфери, а особено на полето на меѓупарламентарната соработка. Тој информира за одбележувањето на Денот на руската дипломатија и за церемонијата што по тој повод ќе се одржи на 9 февруари 2018 година во Битола. Покрај тоа, годинава се навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија и одбележувањето на овој јубилеј ќе даде дополнителен поттик за унапредување на билатералната соработка.

„Соговорниците се согласија дека, генерално, се задоволни од развојот на односите меѓу двете земји, иако постои потенцијал за продлабочување на соработката, и тоа, пред сè, во доменот на економската соработка, земјоделството, енергетиката и транспортот“, се вели во соопштението.


Source: Македонија