Еден месец по воведувањето на новата интервентна мерка, откупена е една третина од индустриските јаболка

Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство изминатиот период презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и за производството на јаболка, соопштуваат од Министерството и додаваат дека со цел производителите на јаболка да имаат рентабилно производство, Владата воведе нова интервентна субвенција за производителите на јаболка.

Имено, како што посочија од Министерството, производителите на јаболко кои ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка.
Владата ја донесе оваа одлука со цел да им се излезе во пресрет на производителите на јаболка особено во Преспанскиот Регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот, што директно влијае на економската вредност на јаболкото, посочуваат оттаму.

По еден месец од воведувањето на новата интервентна субвенција за производителите на јаболка, од Министерството за земјоделство велат дека е откупена една третина од индустриското јаболко.

„Дополнително, во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување вошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади, особено кај јаболката за промена на асортимент, се воведе нова поголема субвенција од 9 900 денари. За промена на производство од житни во овошни култури, земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар. Оваа година субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од 2 на 3 денари за килограм. Последната интервентна мерка, петта, која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја носи за овоштарството“, се наведува во соопштението на Министерството.

Паралелно МЗШВ заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој работи и на создавање услови за ефикасна искористеност на мерките од програмата ИПАРД 2, кои вклучуваат инвестиции во преработувачки капацитети. Токму инвестирањето во преработувачките капацитети, велат од Министерството, е важно за сигурен и непречен откуп на јаболката и заокружување на производството со финални производи со поголема додадена вредност. Само за еден повик за ИПАРД 2 во кои спаѓаат и мерките за преработувачки капацитети има склучено 937 договори со вредност од 16,4 милиони евра.