Отворена Дневна болница во Здравствениот дом во Ресен

Во рамки на Јавната здравствена установа Здравствен дом – Ресен, од 19 декември 2018 година, ќе работи Дневна болница во која пациентите ќе можат да примаат болничка терапија од соодветна специјалистичка ординација.

Секој пациент треба да биде упатен од матичниот лекар до соодветната специјалистичко-консултативна служба со упат закажан во Мој термин. Истиот, по извршениот преглед, ќе биде упатен од специјалистот до Дневната болница. За оние пациенти кои биле на преглед во други здравствени организации каде им била ординирана дневноболничка терапија, а сакаат истата да ја примаат во Дневната болница во Ресен, постапката е иста.

Дневната болница при Здравствениот дом во Ресен ќе работи секој работен ден од 07:00 до 20:00 часот, додека во викендите и празниците, пациентите ќе ја добиваат терапијата во Итната медицинска помош во Ресен.

Останатата парентерална терапија која порано беше ординирана амбулантски и понатаму ќе продолжат да ја добиваат кај матичните лекари, како и досега.