Мобилен сервис за грижа во домашни услови – здравствените услуги стануваат подостапни за граѓаните

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, австрискиот аташе за труд, социјална политика, здравство и заштита на потрошувачите во Република Македонија, Харалд Фугер, денеска се обратија на настан во организација на Европскиот центар за социјална политика и истражување, посветен на потребата од развивање интегрирани услуги за здравствена и долгорочна нега.

„Со цел обезбедување квалитетни здравствени услуги, достапни подеднакво за сите, Министерството за здравство во соработка со Министерството за труд и социјална политика реализира посебен пилот-проект, мобилен сервис за грижа во домашни услови. Овој начин и метод ќе овозможат побрза и поефективна здравствена услуга за сите граѓани, а токму тоа е нашата примарна цел како министерство“, истакна министерот Филипче.

Проектот се спроведува со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Општина Кочани, Општата болница со проширена дејност во Кочани, матичните лекари, специјалисти по семејна медицина и Центарот за социјална работа во Кочани. Сервисот веќе успешно функционира во Кочани, а од неодамна и во Ресен.

Во мобилниот сервис се вклучени два тима, составени од по 2 медицински сестри и по 1 социјален работник, кои на дневна основа посетуваат одреден број домаќинства во Кочани и руралните заедници, со цел основна здравствена и социјална грижа во домашни услови. Со оваа услуга се опфаќаат лица кои живеат со социјален ризик, приматели на социјална парична и постојана парична помош, од рурални средини, постари лица, како и лица со хронични болести и коморбидитети. За првпат во медицинскиот тим се вклучува и социјален работник чија задача е да препознае евентуални социјални ризици во семејствата и понатамошно поврзување со системот на социјална заштита. Досега се опфатени 678 лица од 22 села во реонот на Кочани.

„На овој начин овозможуваме приближување на здравствените услуги поблиску до граѓаните, со цел рано откривање хронични болести, намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации, како и подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа. Воведовме и новини, како вклучувањето на социјален работник со што нашата грижа и потребата од интервенција ја прошируваме и во социјалниот сегмент заедно со Министерството за труд и социјална политика“, потенцираше министерот.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека во најголем број случаи здравствените и социјалните ризици се испреплетуваат. Затоа здравствено социјалните сервиси се добар начин преку услуга во домот да се откријат здравствените и социјалните ризици.

„Ваков сервис веќе постои во Кочани, а исти се отвораат и во Битола и Ресен, а интенцијата е истиот систем да профункционира и на национално ниво, за што се дава и законска можност со пакетот закони за социјална заштита кои очекувам пратениците наскоро да ги изгласаат со национален консензус“, потенцираше министерката Царовска.

Ова е еден практичен пример за интегрирани услуги за обезбедување здравствена нега за лица кои се во социјален ризик, кој во претстојниот период ќе биде надграден и проширен и во другите региони на државата, како и во другите сегменти на здравствената заштита.
Министерот Филипче упати благодарност до австриското министерство и Европскиот центар за социјална политика и истражување за досегашната успешна соработка, која се очекува да продолжи и во иднина со верување дека со нивната експертска помош заеднички ќе се реализираат нови проекти и иницијативи за интегрирани услуги од повеќе сектори.