Промоција на проектот „Пчеларство – еколошки бизнис за млади“

На 21 февруари 2019 во Големата Сала на Општина Ресен се одржа промоција на проектот „Пчеларство – еколошки бизнис за млади“. Ова е еден од четирите проекти што се спроведуваат во Општина Ресен кои се финансираниво рамки на „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан – ReLOaD“која што е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Проектот за пчеларството го спроведува Здружението за рурален развој Локална Акциона Група ПРЕСПА – Ресенво партнерство со Здружението на агропроизводители БЛАГОЈ А. КОТЛАРОВСКИ – Ресени има буџет од 622.000 денари. Координатор на проектот е Јовица Волкановски, кој и самиот е напреден пчелар со дваесетина години искуство.

На промоцијата беше објавен огласот за избор на кандидати за млади пчелари до 40 години, кој ќе биде отворен до 1 март. Од пријавените ќе бидат избрани 10 млади лица од кои (7 машки и 3 женски) на кои во наредните седум месеци ќе им бидат презентирани теоретски и практични обуки за пчеларството, на високо стручно ниво. Практичната обуката ќе се реализира на едукативниот пчеларник кој ќе биде основан со овој проект,ќе содржи 20 пчелни семејства и ќе се наоѓа во околината на градот Ресен.

Со проектот за пчеларството во Општина Ресен ќе им се даде прилика на младите од општината да се занимаваат со овој еколошки прифатлив и доходовен бизнис.

Најнови вести од Centar.mk